Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери
Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“.
Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање.
Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници.
Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика.
*
Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина.
Никола Гелов
Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање.
Јована Кирјаковска
Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други. Јас бев дел од хорот и, иако претходно немав искуство со пеење, се чувствував прифатено и охрабрено да пробам нешто ново. Целиот курс беше исполнет со позитивна атмосфера, поддршка и тимски дух. На секоја работилница на која учествував се чувствуваше посветеноста на лидерите. Нивната топлина, енергија и желба сите да се чувствуваме добро ни помогнаа да излеземе од нашата зона на удобност и да научиме нешто ново за себе. Од ова искуство научив дека најважните работи во една група се чувството на припадност, меѓусебната поддршка и сигурноста. Научив и дека ништо не е невозможно за младите кога имаат храброст да ги следат своите идеи и соништа. Верувам дека ваквите кампови имаат огромна вредност за ИМКА и за младите во Македонија. Тие не само што стекнуваат нови знаења и вештини, туку се мотивирани да ги пренесат своите искуства понатаму преку работилници, кампови и активности во своите локални заедници. Многу сум благодарна што сум дел од ИМКА. Иако нашата организација во Македонија е помала, токму на вакви меѓународни настани научив колку е значајно да се биде дел од едно големо глобално семејство. Михелштат кампот ми помогна да бидам погорда на себе, на мојата организација и на можностите што ги имаме како млади луѓе.
Мануела Спасевска
Телефон
+389 70 59 43 41
+389 72 556 386
Локација
Младински Центар Битола, ул.Крушево,
бр.5, 7000 Битола, С. Македонија
Поштенска адреса
Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42,
7000 Битола, С. Македонија
© Copyright 2026 | ymca.mk | Сите права се заштитени.
Design & Build by IanMcKenzieCreative