Обуки за врснички едукатори за ментално здравје [модул 1,2,3]
Во ноември и декември минатава година реализиравме серија на обуки на теми за ментално здравје за врсничките едукатори од основните и средните училишта и факултетите во Битола. Првиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за анксиозност и депресија. Според експертите од областа на психолошките науки, анксиозноста е состојба која се поврзува со чувството на страв, а депресивноста е состојба која се поврзува со чувството на тага. Нивното препознавање и развивањето лични стратегии за справување со овие состојби е она кое што е неопходно за одржување на хармонично ментално здравје. Овој модул го комплетираа 58 врснички едукатори поделени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темите за анксиозноста и депресивноста. За секоја од овие теми се дискутираше што значат како состојби на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат, кои се симптомите, како да си помагаме себе си и како може да им помагаме на другите. Вториот модул на обуки за ментално здравје беше на темата за ризични форми на однесување. Притоа се дискутираше што значи ризик и ризично однесување, како е тоа однесување поврзано со менталната благосостојба на човекот, кои фактори го предизвикуваат, зошто е особено значајна појава кај младите и како младите да препознаваат кај себе почетоци на ризично однесување со цел да си помагаат себе си и да го препознаваат кај другите. Овој модул го комплетираа 48 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за ризични форми на однесување. Во рамките на обуките се дискутираше што значат и како се манифестираат овие типови на однесувања, колку се присутни и во какви форми во нашето секојдневие во училиштата во градов, како овие состојби влијаат на младиот човек, кои фактори ги предизвикуваат и како може да им помагаме на другите и да делуваме превентивно. Третиот модул на обуки за ментално здравје беше на темата градење на отпорност, издржливост и резилиентност. Се дискутираше што значи резилиентност, како се учи и како оваа способност е најважниот фактор за одржување на психо-физичката рамнотежа. Оваа способност е онаа која ги собира нашите лични сили и ги насочува кон она што е со најголема смисла во дадениот момент со цел да се преброди ситуацијата во која се наоѓаме, да се опстане и да се трансформира искуството во кое што сме се затекнале. Тоа е она што младите може да го учат со цел да си помагаат себе си и да им помагаат на другите. Овој модул го комплетираа 42 врснички едукатори составени во 5 групи основци, средношколци и студенти кои се запознаа со темата за градење отпорност, издржливост и резилиентност. Во рамките на обуките се дискутираше за начините како да станеме отпорни на сеприсутните негативни влијанија во надворешната средина и опкружувањето, како да издржиме или да се справиме со ситуациите во кои сме втурнати или вклучени со или без наша волја и согледување на начини за градење трајна резилиентност и мир со себеси и со другите. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.
Почеток на врсничката школа за ментално здравје на деца и млади
Еден од најважните елементи на проектот е самата врсничката школа преку која е планирано да се направи значајно голем опфат на темата ментално здравје. Во втората половина на септември и октомври работевме на анимирање на образовните установи Битола со фокус на основните и средните училишта, како и факултетите. Исто така во овој период работевме на промовирање на отворените повици за проектов и регрутирање на основци, средношколци и студенти кои се мотивирани повеќе да научат за менталното здравје за себе и за своите врсници во поглед на препознавање на одредени состојби, но и како да се постапува во истите со цел да си помогнат себеси и на врсниците од околината. Завршивме со оваа фаза и време е за акција! Денешниов настан беше токму тоа. Се собравме сите врснички едукатори, психолози, педагози и др. Од стручните служби на училиштата со цел обележување на почетокот на проектот проследено со интересна програма. Настанот ги воведе учесниците во предвидените активности и динамиката за следниот период до крајот на школската година. Се направи распределба на врсничките едукатори врз основа на возраст/генерација и смена на училиште со цел подобро планирање на претстојните обуки во насока да нема пропуштање и пореметување во редовната настава на училиштата и учениците. Формиравме пет групи врснички едукатори од кои две со основци, две со средношколци и една со студенти. Групите имаа серија задачи низ кои требаше да поминат и притоа да се запознаат со темата, да се запознаат со своите врсници со кои ќе работат во следниот период, да си ги изградат идентитетот на групата и да го одговорат воведното истражување во темата со цел согледување на почетната состојба за нив на темата ментално здравје. Исто така, ги продискутиравме воспоставените канали на комуникација за следниот период и сите формалности кои се потребни за непречено одвивање на претстојните обуки. Обуките ќе се засноваат на принципите на неформално образование и ќе се одвиваат во општинскиот Младински Центар во Битола до крајот на Февруари следната година. Врсничките едукатори ќе учат и ќе разговараат со нивните врсници за менталното здравје покривајќи теми како што се: анксиозност и депресија, ризично однесување, што значи – насилно однесување/врсничко насилство, самоповредување и злоупотреба на супстанции, градење издржливост и самодоверба кај децата и младите и дигиталното претставување на исти теми поврзани со однесувањето на младите на социјалните мрежи. Проектот предвидува следна фаза во второто училишно полугодие каде што овие врснички едукатори ќе спроведуваат работилници за едукација на своите врсници во нивните училишта и факултети и ќе го споделат стекнатото знаење со крајните корисници/нивните врсници во неформален амбиент. Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Амос. Прочитајте подолу за да дознаете повеќе за овој проект