Сведоштва за кариерно насочување со ПрофилПАСС
Ана, Студент на Факултет
Отсекогаш сум сакала да се откривам себеси, па со тоа, пополнувањето на прашалници, како и решавањето на психолошки тестови и квизови за себеспознавање, кај мене будело љубопитност и интерес. Со Профил Пас кариерното советување бев пријатно изненадена од уникатното искуство кое го стекнав и различниот пристап од останатите испитувања на кои сум била изложена порано. Тоа ми овозможи додатно да се спознаам себеси, да се соочам со моите доблести и недостатоци за да научам како да се справувам со нив. Исто така открив кои се останатите категории/типови на луѓе и како тие функционираат и сега применувам здрава комуникација со нив, зависно од нивниот карактер.
Дефинитивно ваквиот начин на самопроверка е уникатен сам по себе и имам чувство дека ми даде најпрецизни и најрелевантни резултати. Би го препорачала посебно на оние кои чувствуваат некаква криза во идентитетот, не знаат кој кариерен пат да го одберат или чувствуваат дека не се среќни во својата работа. Исто така треба да се примени и кај средношколците, бидејќи во нивна возраст се доволно зрели да разберат и тогаш им е најпотребно да се спознаат себеси за да знаат по кој пат да се движат.
Ангела, средношколка
Додека учествував во процесот се чувствував слободно да го споделам она што сакам да го изразам за себе и добив уверување дека преку овој метод ќе добијам насока што ќе ми одговара, а во исто време ќе можам да научам нешто ново за себе. Бидејќи имав сесии еден на еден, се чувствував слободно и без стрес. Најпријатниот дел од активноста беше приватноста што ја имав додека учествував. Научив за себе дека сум алтруистичка личност која има големи аналитички и инженерски способности и преку состаноците добив насока како понатаму да се изградувам како личност. Со оглед на тоа што немав конкретна идеја што да правам понатаму кога започнав со мојот кариерен живот, активноста особено ми помогна да можам да истражувам и да одлучам кои работни места ќе ми одговараат според моите искуства и способности.
Верувам дека не би можела сама да го направам тоа со еднаква ефикасност доколку не учествував во Профил Пас кариерното советување. Добив и насоки за тоа кои работни места да ги истражувам врз основа на моите искуства, вештини и интереси и како да го збогатам моето CV, работи кои ќе ги применувам во текот на мојот живот. Порано имав голем стрес бидејќи верував дека нема сигурен кариерен пат за мене и не бев сигурна дали некогаш ќе се вработам во иднина. Преку оваа активност научив дека постои таков и секој има сигурен пат во кариерата и јас можам да го најдам мојот пат. Ова беше многу корисно за мене и верувам дека ќе биде од голема помош и за оние околу мене.
Мислам дека оваа методологија ќе им користи на најмладите во средното образование кои сè уште не се сигурни што понатаму по средното образование, на пример, на кој универзитет да одат кога ќе станат полнолетни. Мислам дека има толку многу млади луѓе несигурни во себе и без идеи за нивниот иден професионален живот и оваа активност би им била од голема корист.
Наташа, младински работник
Кога првпат дознав за кариетното советување Профил Пас, бев љубопитна, но не и премногу оптимистка. Ме потсети на минатите искуства во средно училиште кога работевме со психолози за да разговараме за нашите идни образовни патишта. Моите очекувања беа скромни, но сепак решив да му дадам шанса. Сфатив дека иако работев речиси една деценија, ангажирањето во саморефлексија и разбирањето на моите лични и професионални афинитети сè уште може да биде вредно.
Процесот поттикна искреност и отвореност од моја страна, што ми овозможи длабоко да размислувам за моите квалитети и искуства од минатото. Имаше моменти кога ми требаше дополнително време да се потсетам на одредени детали, но тоа само го направи процесот позначаен. И покрај моето долгогодишно искуство како младински работник, волонтер и координатор на волонтери, открив нови сознанија за себе. Оваа активност ми помогна да ги потврдам моите силни страни, да ги препознаам областите за раст и да се чувствувам посигурна во мојата кариера.
Генерално, сметам дека ова искуство беше корисно за мене. Тоа не само што ја подобри мојата самосвест, туку ми даде и практични алатки, како детален документ кој ги сумира моите резултати, кои можам да ги користам за личен и професионален развој. Би го препорачала Профил Пас кариерното советување на средношколците кои се подготвуваат за факултет или на млади луѓе кои не се сигурни за насоката на нивната кариера.
Андреа, средношколка
На почетокот немав некои големи очекувања, но се чувствував како навистина да ми треба оваа активност. Оваа активност не само што ме натера да се запознаам себеси, туку ми овозможи да ги осознам сите мои способности, вештини и особини, мојот карактер што навистина ми помогна, како во личниот, така и во професионалниот развој. На пример, после оваа активност постепено забележав колку ми беше полесно да формирам нови соработки и познанства и да пристапувам до нови искуства. Профил Пас кариерното советување го препорачувам на сите, но особено на младите кои не се познаваат доволно и верувам дека ќе им помогне како што мене ми помогна мене.
Лука, средношколец
На некој начин научив повеќе за себе и беше интересно, но најмногу ми се допадна делот кога се консултирав со психологот за мојот живот, бидејќи бев отворен и искрен, исто така и за моите интереси за иднината, како важна дел за секој млад човек. Не можам да потврдам за професионален раст, бидејќи се уште сум млад, но знам дека сигурно ќе ми биде од корист. Тие се однесуваат на секојдневниот живот, како што е подигнувањето на самодовербата кај младите и затоа разговорите со психолог на овие теми се многу корисни за почеток. Профил Пас кариерното советување им ја препорачувам на младите кои сакаат подобро да се запознаат себеси, да откријат во што се добри и што сакаат да работат и прават во иднина. Генерално, ова беше многу интересно и корисно искуство. Исто така, би сакал да се заблагодарам на ИМКА за оваа активност, да продолжи да нуди таква бесплатна можност за локалните млади луѓе.
Телефон
+389 70 59 43 41
+389 72 556 386
Локација
Младински Центар Битола, ул.Крушево,
бр.5, 7000 Битола, С. Македонија
Поштенска адреса
Васко Карангелевски РЕМО 1/3/42,
7000 Битола, С. Македонија
© Copyright 2024 | ymca.mk | Сите права се заштитени.
Design & Build by IanMcKenzieCreative