Сведоштва на учесниците на Школата против врсничко насилство

Михаела

На обуката за врсничко насилство имав можност да држам презентација пред 40 ученици и двајца психолози во моето училиште. Беше огромно искуство за мене, но истовремено и голем предизвик. Најмногу ме плашеше тоа дали ќе успеам да го задржам вниманието на сите, особено кога знаев дека ќе ме слушаат не само ученици од прва и втора година, туку и професионалци. Тремата и стравот од грешки беа постојано присутни бидејќи ми беше важно мојата порака да биде јасна и добро разбрана. Кога заврши презентацијата, ми олесна и се почувствував многу среќна и опуштена. Иако имав страв, успеав да го совладам и да ја пренесам темата со посветеност. Беше прекрасно да видам како моите зборови влијаат врз учениците, а и да слушнам позитивни повратни информации од сите нив. Тоа ми даде дополнителна мотивација и самодоверба. Дефинитивно би презентирала пак. Секое ново искуство од ваков тип ми помага да се подобрам и да се чувствувам посигурно во себе сега, но и за во иднина. Гледам на тоа како шанса да растам и да го пренесувам своето знаење на други. Кога станува збор за работа со основци, со задоволство би прифатила. Верувам дека работата со помлади ученици е исклучително важна, бидејќи тие се во период кога најмногу учат и се формираат како личности. Би сакала да им помогнам да научат како да се справуваат со насилство и да создаваат позитивни односи со луѓето околу нив. Преку ова искуство уште повеќе сфатив дека се пронаоѓам во психологијата каде сакам да се развивам во иднина. Сакам да продолжам да работам со млади луѓе, да ги инспирирам и да им помагам да се справуваат со предизвиците што ги носи животот.

Предраг

Јас сум Предраг, имам 15 години и учам во средното техничко училиште. Правев презентација пред отприлика дваесеттина деца и учевме за справување со врсничкото насилство. Од презентацијата јас многу научив за себе, но и за другите. Научив дека имаат проблеми и луѓето кои го вршат насилството, а не само тие кои се жртви на истото.

Огнен

Јас сум Огнен, ученик во техничкото училиште во Битола и бев врснички едукатор од Школата против врсничко насилство. Пред да почнам со презентацијата се плашев дека можам многу лесно да се збунам и да не бидам разбран или да ја заинтересирам публиката, но тоа веднаш се смена штом почнав да презентирам. Од кога заврши презентацијата се осеќав убаво, олеснето и исполнето дека помогнав во подигање на свеста за врсничкото насилство што се случува во денешното општество. Дефинитивно би сакал да презентирам пак и пред мои врсници, но и пред основци за оваа тема, заради тоа што темата е од големо значење за сите.

Нектарија

Јас сум Нектарија Илиевска, ученичка во втора година во гимназијата САБА. Пред да дојдам на оваа работилница имав страв од презентација пред многу луѓе, пред деца, како и запознавање со нови деца, но како што врвеше времето со секоја нова работилница се запознававме со децата. Кога требаше да презентираме и ние како врснички едукатори во нашите училишта нештата се променија и бев многу опуштена. Мило ми е што многу учесници се опуштија и почнаа да споделуваат свои искуства, дали тие биле насилници или пак трпеле насилство. И се надевам дека во иднина повеќе ќе се приклучуваат кон вакви работилници за да влијаеме на намалување на насилството.

Теодора П.

Јас сум Теодора, учам во средното медицинско училиште и имам 16 години. За оваа презентација сметам дека беше корисна и дека научив многу нови работи. Знам дека оваа презентација ќе ми користи и понатаму и знам дека тие што ме слушаа ќе дознаат нешто повеќе што всушност претставува врсничкото насилство. За презентацијата воопшто немав трема и никој не треба да има трема. Не е ништо страшно и доколку си едуциран за тоа што зборуваш тогаш е лесно да се искажеш за сите оние кои сакаат да те слушаат.