Гласови на промената: Сведоштва од учесниците на Врсничката школа за ментално здравје

Ната Марија Шешиќ – основец од училиштето Ѓорѓи Сугарев

Јас сум Ната Марија и бев дел од Врсничката школа за ментално здравје на деца и млади, каде што преку комуникација и дружење научив како да се справам со анксиозноста и паничните напади, како и да немам трема кога треба да имам говор пред публика. Освен тоа што научив нови работи, запознав и стекнав нови познанства и пријателства. Затоа топло ви препорачувам да бидете дел од активностите на ИМКА Битола.

Андреа Гроздановска – средношколец од Гимназијата Таки Даскало

Кога слушнав за овие обуки одма и без двоумење се пријавив и едвај чекав да почнеме со средбите. Ова беше нешто ново и чекор понапред од тоа само што се зборува насекаде колку е важно менталното здравје. Први обуки каде се работи со млади, тие да научат колку е важно да работат на својот личен раст и развој и да работат на својата самодоверба, да градат здрави односи и сл. За мене оваа школа беше многу интересна, затоа што на секоја средба имаше различна атмосфера, позитивна, забавна но истовремено и смирена. Често се собиравме во круг и споделувавме разни искуства, каде што се чувствувавме ислушани и прифатени такви какви што сме. Во неколкуте месеци дури траеше школата, полека менував некои размислувања, ставови и сфатив некои работи за мене и како да го одржувам моето ментално здравје во форма. Имавме добра социјализација, стекнав многу познанства и се ослободив од стравот на јавен говор.

Фуркан Метлику – основец од училиштето Гоце Делчев

Јас на оваа школа си поминав многу добро, на секоја обука учев по нешто и заклучив што треба да си променам кај мене. Од сите одржани обуки наученото го пренесував на моите блиски пријатели.

Емилија Илиевска – средношколец од средното економско Јане Сандански

Во текот на обуките за ментално здравје си поминав многу убаво, научив многу работи, особено како да ги изразувам моите негативни чувства како изнервираност, избувливост и др. Исто така, со овие обуки добив поголема самодоверба за зборување со другите, ако и презентирање пред други луѓе. Мислам дека овие обуки премногу ми помогнаа во секојдневниот живот и им препорачувам на сите да одат барем на една ваква обука, бидејќи многу ќе им помогне.

Сара Петровска – студент на Музичка академија

Благодарение на врсничката школа за ментално здравје станав врснички едукатор. Успеав да одржам предавања на тема резилиентност на околу деведесеттина ученици и студенти. Нашето подготвување околу сè ова траеше 12 наставни часа во кои работевме на повеќе теми што содржеа теоретски и практичен дел. Учевме и работевме со помош на психолози за кое што сум многу благодарна затоа што денес знам многу повеќе и успеав да се надоградам себе си, и тоа ќе ми служи многу во секојдневието. Сметам дека треба да имаме сè повеќе работилници од ваков тип и гласно да зборуваме со цел да помогнеме, да се едуцираме и здраво да растеме – како што успеавме сега.

Јована Талевска – средношколец од средното медицинско Др. Јован Калаузи

Ова беше совршена можност да научам пред се да ги идентификувам сопствените емоции, да научам техники и методи кои ќе ми помогнат да го извлечам најдоброто од нив а потоа да бидам во можност да го применам сето тоа за помош и поддршка на моите врсници.

Сара Ѓорѓиевска – основец од училиштето Гоце Делчев

Премногу сум среќна што ја имав шансата да бидам дел од овој проект и да станам и јас врснички едукатор по ментално здравје. Пријателствата, искуствата и знаењата кои ги стекнав ќе останат со мене засекогаш и сум многу благодарна поради тоа. Се надевам дека во иднина повторно ќе имам шанса дополнително да се развивам во областа на менталното здравје и врсничката едукација.

Викторија Јовановска- Меѓународен Славјански Универзитет, Психолошки факултет

Во Младинскиот центар во Битола се одржа Школата за врснички едукатори, организирана од АМОС, ИМКА и Порака Нова. Првично слушнав за училиштето од познаници, но не бев точно сигурна за што се работи. Неколку дена подоцна, мојот драг професор, Сашо Кочанковски, ми испрати повеќе информации за настанот и тогаш знаев дека тоа е нешто што ќе ми биде навистина корисно и дефинитивно вреди да учествувам. Работите што ги учиме во врсничката школа се применливи и добро објаснети, па секој од која било област може да ги разбере, да ги искористи за своја корист, а потоа да ги сподели со своите блиски и врсници на едноставен и разбирлив начин. На сите млади луѓе би им препорачал почесто да учествуваат на вакви настани со цел размена на мислења, запознавање нови луѓе и откривање различни перспективи. Тоа би придонело за нивниот личен раст и развој, а потоа и за развој на заедницата.

Прочитајте повеќе за настанот тука.