На 26 Јуни, после успешно завршена едукација на врсничките едукатори и одржаната најобемна врсничка едукација за важноста на менталното здравје во Битола со опфат од над 2000 ученици од основните и средните училишта во Битола, како и во неколку факултети, се одржа завршниот промотивен настан. Тоа беше неколку часовен настан, кој се состоеше од презентирање на проектните резултати, но и приказ на дополнителните интелектуални и креативни резултати кои произлегоа од проектните активности.
Настан започна со прикажување на чекорите и фазите низ кои проектот се движеше и како беа организирани сите модули низ кои се работеше со децата и младите од основните, средните училишта и со студентите. Дискусијата ја отвори Виктор Илиев, Претседател на ИМКА Битола, а потоа се надоврза и Проф. Д-р Сашо Кочанковски за тоа како се градеше атмосферата кај учесниците на модулите за врсничка едукација и социјалниот импакт кој се оствари врз вклучените едукатори.
Во овој дел беше прикажана и работата на двете групи за поддршка (групи за лица со попреченост во семејството и група за еднородителски семејства). Излагање за нив имаа координаторите кои ги водеа групите, Рената Димановска за групата со еднородителски семејства и Мартина Дурљанова за групата семејства кои имаат лица со попреченост.
Потоа беше прикажан прирачникот според кој се водеа работните модули за децата и младите, како и за ранливите групи. Образложение за прирачникот даде Јовче Крстески, кој во соработка со Проф. Д-р Сашо Кочанковски го подготвуваше изгледот на приралникот.
Пред доделувањето на сертификатите за успешно завршени модули од врсничката едукација, една група на врснички едукатори кои активно се подготвуваа во изминатиот период, настапија пред присутната публика со сопствена музичка точка. Од темите за ментално здравје на кои работеа изминатата година, создадоа свој текст и под водство на Јасна Димитровска успеаја да создадат своја мелодија за тој текст и својата целокупна замисла ја отпеаја пред пубиката на овој завршен настан.
На крајот, следуваше доделувањето на сертификатите за учество и споделувањето благодарност до сите кои учествуваа и го помагаа овој проект во текот на целата година. Притоа свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, дел од младите кои учествуваа на активностите, како и учесници од групите за поддршка кои ја истакнаа потребата од продолжување на таков тип активности во градот, бидејќи за таков вид на работа со маргинализирани групи нема доволно понуда на ниво на Општина Битола.
Настанот се одржа во просториите на Јуроп хаус (Europe house) во Битола, каде поголем дел од врсничките едукатори беа присутни, секако и нивни врсници, родители, дел од стручните служби од училиштата, претставници на граѓански организации, како и претставници од општината. Претставниците од Општината дадоа пофални зборови за вложениот напор, труд и енергија за овој проект да заврши како што треба и да придонесе во збогатување и поттикнување на интересот за оваа проблематика на едно повисоко и постручно ниво. Со издавањето на прирачникот и Битола како град се вклучува во трендот со свој допринос во темата какo да се работи со врсници на теми важни за нивното ментално здравје и благосостојба. Прирачникот е бесплатен и може да се спушти на следниов линк.
Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола се спроведува во рамките на регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 Reload2, која е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Проектот „Врсничка школа за ментално здравје на деца и млади“ на Младинска асоцијација ИМКА Битола е кофинансиран од Општина Битола. Проектот е спроведуван од ИМКА во соработка со Порака Нова и Центар за човекови права Амос.