Младинското учество во иднината на образованието

Образованието е еден од најклучните елементи за градење на просперитетна иднина и подобро општество за младите. Созборовите на Нелсон Мандела ,,Образованието е најсилното оружје што може да го искористите за да ја промените иднината”. Иако често се дискутира за реформи во образованието, за разлика од најголемиот дел на други полиња кои доживеаа револуција поради технолошките и научни напредоци, образованието во голема мерка се одвива во истите рамки кои датираат од многу одамна. Со оглед на тоа што младите се неодамна учесници на пазарот на труд или се очекува да бидат, се воедно и најзасегнати од квалитетот на образованието. Како најзасегната страна, станува евидентно дека младите би требало да заземат и најголемо учество во оформувањето на иднината на образованието.

Иднината на образованието:

Иднината на образованието е персонализирано образование. Впрочем, образованието е една од малкуте гранки која што е во голема доза генеричка во инаку високо персонализиран свет. Учеството на младите луѓе во овој процес е од круцијална важност за квалитетна трансформација. Всушност моменталната категорија на млади луѓе е веројатно првата доволно компетентна генерација за овој подвиг, врз основа на тоа што е првата генерација домородна во дигиталниот свет. Од ова произлегува дека младите луѓе ја имаат улогата на агенти на трансформација во оформувањето на иднината на образованието. Контактот на младите луѓе со технологиите во тренд денес е природна состојба.

Иако неформалното образование, вклучувајќи ја и онлајн едукацијата доживуваат голем раст, формалното образование е широко сметано за најкредибилната форма на образование и воедно е најзастапена. Притоа формалното образование се покажа како најмалку адаптибилно со што веројатно има најголем придонес во генеричкиот карактер на образованието како целина.

Искористување на можноста:

Во поглед на актуелните околности и предизвиците кои се појавија како резултат од пандемијата предизвикана од вирусот COVID19, може да се каже дека формалното образование беше приморано да изготвува алтернативни решенија. Иако околностите се мошне несреќни, ова може да се гледа како квалитетна подлога за посакуваната иновација во образованието. Во овој аспект формалното образование може да искористи некои лекции од неформалното како дел од образованието кој се покажал како поиновативен досега. Постоењето на одредена конкурентност помеѓу формалното и неформалното образование манифестира една несинхронизираност помеѓу два елементи кои би требало да бидат комплементарни еден на друг. Консолидираност на различните видови на образование би ја зголемила вредноста на целокупното образование на младите.

Улогата на младите:

Моментално се работи на низа иновативни технологии и процеси кои имаат цел да ја креираат иднината на образованието токму преку поголема персонализација. Младите како сегмент кој има најголема корист од поквалитетно образование, воедно има и најголема обврска да биде двигателот на промените кои ќе го обликуваат образованието во иднината. Целта на промената е образование кое може да ги развие соодветно и индивидуалните капацитети на секој млад човек. Образование кое ќе обезбеди генерација на млади капацитети опремени со вештини адекватни на современите предизвици и можности за просперитетна иднина на секој млад човек .