ЕСИЛ 2


ЕСИЛ е кратенка од англиското “Empowering Summercamp Youth Leaders”, и ова е второто негово издание. Претходното може да се види тука.

Мај 2016, месец на неповторливи моменти, многу нови усвоени знаења и бесценето искуство кое ќе остане во мене засекогаш. Не беше обично патување, туку можност да се пронајдам себеси, да запознаам нови луѓе и нова култура, да си го проширам знаењето, вештините и креативноста, да си ја осознаам суштината и она што ме радува. Всушност, ова волшебно патување беше една ентузијастичка обука за кампови насловена „Empowering Summer Camp Youth Leaders“, или „ESYL“.

Обуката се одржа во Холандија, прекрасната зелена рамница богата со лалиња, канали и велосипеди. Љубезноста, учтивоста и дружељубивоста на холанѓаните ја прават земјата уште понеодолива. Во центарот на Холандија се наоѓа малото гратче Leusden и во близина е YMCA кампот, местото каде што се одржа обуката. Кампот беше величествен, сместен во густа шума, еден куп шатори наоколу, од кои некои веќе беа подготвени за нас. Кога стигнавме до нашиот дел од кампот бевме пречекани од група љубезни литванци, полни со позитивна енергија, исто како и ние. Се замуабетивме уште веднаш. И додека останатите кампери пополека доаѓаа, ние топло ги пречекувавме, исто како што нас не пречекаа литванците. По нас пристигнаа претставници од Романија, Холандија, Косово и Молдавија. Со секое наредно доаѓање еуфоријата и возбудата растеа. Разговорот меѓу нас камперите течеше толку добро, што делуваше како да се познаваме цел живот, без непријатни моменти и црвенеење.

Сите сакавме да дознаеме нешто повеќе за земјите на останатите учесници, за културата, секојдневието, навиките, храната, традицијата… По малку чувствував и културен шок, со оглед на тоа што луѓето ги познавав само два часа, но сфатив дека запознавањето нови луѓе и карактери всушност ми годи. За време на вечерата сите бевме измешани – во тој момент сфатив дека кампот ќе биде одличен. И навистина беше така! Не само поради запознавањето нови луѓе, туку и поради тоа што добив можност да се оспособам за предизвиците кои ми претстојат во иднина. Научив како да бидам добар лидер, оратор, тимски играч, да развијам менаџерски способности, да водам работилници, научив како да се справувам со разни ситуации, си открив нови таленти, стекнав вештини и се мотивирав.

Програмата не подучи како да ја изнајдеме вистинската комбинација за успех, за нашиот личен успех. Врските помеѓу нас учесниците се зајакнаа во текот на работилниците. Деновите ни беа исполнети со многу интересни активности и учење, а слободното време го користевме да поиграме пинг-понг или одбојка, на трамболината, за дискутирање на различни теми на клупите, за време на вечерата или на пат до шаторите. Сѐ што се случување таму беше прекрасно – од правење склекови ако задоцневме, пеење „Cheap thrills“ и „YMCA“, останување доцна за да играме игри, до смеење и уживање со луѓе кои не знаат добро англиски, но не ти е важно, сакаш само да се забавуваш… Си легнувавме доцна, станувавме рано, но полни со енергија за предвидените активности, за дружење. На заминување не растажија силните прегратки, но исто така бевме среќни бидејќи знаевме дека некогаш ќе се сретнеме повторно…

Секоја секунда, секој момент беа магични и за паметење. „ESYL“ не беше само обичен камп, туку беше едно прекрасно патување. Необично, слатко и јако.

Share
Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *