ДЕЦАТА ОДЛУЧИЈА КОЈ ЌЕ ГИ ЗАСТАПУВА


Ланската школска година работев со две групи млади лидери од две училишта. Тоа беа млади кои имаа визија и храброст да направат нешто повеќе за себе и за своите училишта, за разлика од повеќето други кои остануваат пасивни.

ИЗБОРЕН МОДЕЛ ВО УЧИЛИШТАТА

Во Септември почна школската година и следеше процес на обнова детските/младинските организации во училиштата. Во рамките на проектот „Имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Македонија“ веќе три години по ред во десет градови низ Македонија меѓу кои и во Битола, се спроведоа демократски избори на претседатели на одделенија/класови во основните и средните училишта со што децата директно влијаеја на тоа кој нив ќе ги застапува пред органите на училиштето, но и надвор од него. Кандидатите за претседатели на одделенија/класови пред изборот пополнија мотивациони писма и приложија листа на потписи за подоцна преку тајно гласање, без сугестии на наставниците и професорите, да бидат избирани за да ги застапуваат децата.

ДА ИМ СЕ ДАДЕ ШАНСА НА МЛАДИТЕ

Во училиштата некои од повозрасните ова го гледаат со доза на резервираност не сфаќајќи го концептот на младинско учество и училиштен активизам, како и предностите кои може тој концепт да ги донесе доколку се прифати и им се даде шанса на децата да преземат одговорност.

Ограничувањето на правото на децата да учествуваат во носењето на одлуки за прашањата кои ги засегаат нив е евидентно и може да се констатира во последниот мониторинг извештај за имплементацијата на Конвенцијата на правата на децата во Р. Македонија од 2012 издаден неодамна од Коалицијата на младински организации СЕГА. Децата не се вклучени и консултирани во носењето на одлуки во семејството, во училиштето и во институциите што продуцира долгорочни последици – креираме млади луѓе кои немаат сопствен став, кои се плашат да преземат одговорност и кои немаат  работни навики што подоцна сериозно се рефлектира и во нивниот личен живот.

Јас секој процес на избори на младински организации во училиштата го гледам не само како обични избори, туку и како конкретна практична активност во училиштата на тема јакнење на демократската свест. Она што следува подоцна работејќи во младинските организации во училиштата, не за лична корист туку за доброто на сите во училиштето, ќе креира млади луѓе кои се способни да се грижат за себеси и за заедницата во која живеат.

СТУДИСКА ПОСЕТА ВО МАКЕДОНИЈА

Со цел промоција на овој партиципативен модел во училиштата со цел споделување на искуствата од проектите за правата на децата во периодот од 19-24 септември беше организирана студиска посета во Македонија со гости од Србија. На посетата учествуваа претставници од основни училишта од Србија и од младински организации од Македонија. Во рамките на оваа посета беа посетени основни и средни училишта од Охрид, Битола и Прилеп. Посебен акцент од оваа посета беше ставен на воспоставувањето на моделот дете правобранител и функционирањето на училишните организации. Претставниците од Србија искажаа задоволство од функционирањето на овие модели и истакнаа дека моделите ќе ги применат и во нивните училишта.

Share
Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on LinkedIn

Leave a comment

Your email address will not be published. Required fields are marked *